Новогодишно интервју на првиот човек на ФФМ: Верувам во оваа генерација

Масар Омерагиќ, претседателот на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) во  новогодишното интервју одговараше на новинарски прашања од медиумите во Македонија.

Тој зборуваше за клупскиот и репрезентативниот фудбал, судиската комисија, ВАР-технологијата, спонзорства, инвестиции, поддршка од државните институции и локалната самоуправа поврзана со инфраструктурата, враќањето на фудбалските великани во „Куќа на фудбалот“.

Од новинарите Омерагиќ доби и прашање дали било тешко да собере толку познати имиња во „Куќата на фудбалот“ (Илија Најдоски, Горан Пандев, Ѓорѓи Христов, Агим Ибраими…)

„Воопшто не беше тешко затоа што сите размислуваме исто. Исто така имаме и една цел, а тоа е да имаме подобар фудбал. Сите личности кои ги спомнавме оставиле некоја трага, го сакаат фудбалот, немаат финансиски амбиции и најголемата желба е да ја подобриме ситуацијата. За време на мојот мандат голем цел е да настапиме барем на уште едно-две европски првенства или барем едно светско, ќе бидеме среќни ако тоа го исполниме и ја израдуваме нацијата“, изјави Омерагиќ.

На прашање поврзано со селекторот Благоја Милевски, претседателот на ФФМ изјави дека во иднина во федерацијата нема да се носат одлуки поврзани со емоции, туку само разумни.

„Мора едно да разбереме. ФФМ и репрезентацијата се институции. Носењето на одлики не може да биде поврзано со емоции. Секоја одлука што ќе ја носиме со емоции, може да биде погрешна. Треба да размислуваме фудбалски и треба да носиме одлуки кои што се разумни. Факт е дека репрезентацијата во одреден период имаше лоши резултати. До некаде тоа е разбирливо. После Европското првенство, кога таа генерација го доживеа тој зенит си замина Горан Пандев, а поголем број на фудбалери ги променија своите клубови и од стандардни фудбалери станаа резерви. Сето тоа се манифестираше во репрезентацијата, но за волја на вистината во последно време имаме одлични резултати, без разлика на противниците. На два месеци пред почеток на квалификации за СП, да се направат промени или некакво рез, без некоја конкретна причина, е нефудбалски потег. Тоа може да донесе штета на А-селекцијата. Верувам во оваа генерација, треба трпеливост и треба да им се даде шанса“, рече Омерагиќ.

Во продолжение проследете го интервјуто објавено на официјалниот јутјуб канал од Фудбалската федерација на Македонија: