Новогодишни подароци од Дедо Мраз за 130 деца со посебни потреби, деца со воспитно социјални проблеми и деца од ранливи категории семејства денеска на заедничка хуманитарна акција „Да споделиме радост“ доделија Црвениот крст на Македонија и ЕВН Македонија.
На настанот во просториите на Кинотека на Македонија децата проследија и кино проекција на 3Д анимиран филм, овозможен од „Мегаком“.
Генералниот секретар на Црвениот крст на Македонија Саит Саити на денешната хуманитарна акција истакна дека веќе петта година по ред Црвениот крст на Македнија со поддршка на ЕВН Македонија организира настан на кој на децата со посебни потреби и на децата од ранливи категории семејствата им се доделуваат новгодишни подароци.
– Тоа е уште еден доказ дека Црвениот крст се грижи за тие што во еден момент не можат сами да си задоволат некои потреби. На крајот на годината секој човек сака да добие подарок и ние денеска заедно се потрудивме на овие деца за момент да им го разубавиме животот, рече Саити.
Претставникот на ЕВН Македонија Игор Гиевски изрази задоволство да присуствува на настан на кој дечињата го добиваат потребното внимание, но и мали подароци со кои им се доближува симболиката и магијата на новогодишните и божикни празници.
– Привилегија е да се биде дел од ваквите настани организирани од Црвениот крст на Македонија. Општествената одговорност на ЕВН Македонија и на другите компании во државата помагаат овие дечиња да имаат убави денови исполнети со радост, смеа и подароци, рече Гиевски, додавајќи дека партнерството со Црвениот крст ќе продолжи со цел и понатаму да изнудува насмевки од страна на сите деца од ранливите категории во Македонија.