Имаме историска одговорност пред нашите потомци да им ја оставиме Македонија посилна и поуспешна, отколку што ја наследивме од нашите предци. Затоа, сплотени, со чувство за државност и за сувереност да продолжиме да ја градиме Македонија според највисоките европски вредности, стандарди, критериуми, вели во своето новогодишно обраќање претседателот Иванов.
Во продолжение интегрален текст од обраќањето на претседателот Иванов:
Почитувани граѓани на Република Македонија,
Новата година отсекогаш ги буди најискрените чувства и очекувања кај секој од нас.
Затоа сите ние со нетрпение очекуваме старото што побргу да пројде, за новото да дојде и со себе да донесе нова надеж. Надеж дека во годината што доаѓа ќе имаме здравје, ќе шириме љубов и милост, ќе живееме во радост и во среќа. Надеж дека таа радост ќе можеме да ја споделиме со нашите ближни.
Затоа, да им посветиме љубов и внимание на нашите семејства, на нашите деца, на нашите соседи и пријатели.
Да бидеме солидарни кон болните, немоќните и кон секој што има потреба од наша поддршка и помош.
Да бидеме благодарни кон храбрите чувари на нашата безбедност поради кои и вечерва Македонија може мирно и безгрижно да прославува.
Драги сограѓани,
Имаме историска одговорност пред нашите потомци да им ја оставиме Македонија посилна и поуспешна, отколку што ја наследивме од нашите предци.
Затоа, сплотени, со чувство за државност и за сувереност да продолжиме да ја градиме Македонија според највисоките европски вредности, стандарди, критериуми.
Да продолжиме да градиме праведно општество втемелено врз мирот, вистината и слободата.
Да си простуваме и да се почитуваме.
Да бидеме и упорни и трпеливи.
И, во сè што правиме, да се престигнуваме во добрина.
Празниците што ни доаѓаат во секој наш дом нека донесат семејна радост, љубов и среќа. Да имаме мир, напредок и успех насекаде и за секого.
Ви посакувам среќна и бериќетна Нова 2016-та година!