Новоизбраниот ирански претседател ја потврди политиката на земјата кон Израел

Новоизбраниот ирански претседател Масуд Пезешкијан во понеделникот го потврди антиизраелскиот став на Иран, велејќи дека движењата на отпорот низ регионот нема да дозволи продолжување на „криминалната политика“ на Израел против Палестинците.

„Исламската револуција секогаш го поддржуваше отпорот на народите во регионот против нелегитимниот ционистички режим“, рече Пезешкијан во пораката до Хасан Насрала, лидерот на либанскиот Хезболах.

Овие коментари навестуваат дека нема да има промена во регионалните политики на идната влада под релативно умерениот Пезешкијан, чија победа на претседателските избори беше поздравена на Западот откако го победи својот тврдолинијашки противкандидат во вториот круг од изборите минатата седмица.

„Сигурен сум дека движењата на отпорот во регионот нема да дозволи овој режим да продолжи со својата воинствена и криминална политика против угнетениот народ на Палестина и другите народи од регионот“, ја пренесоа изјавата на Пезешкијан иранските медиуми.

Шиитското либанско движење Хезболах и сунитското палестинско движење Хамас, кои до пред извесно време меѓусебно и војуваа наоѓајќи се на спротиставените страни во регионалните конфликти, се дел од регионалните фракции познати како Оската на отпорот поддржана од Иран.

Израел сѐ уште не ги коментираше изјавите на Пезешкијан.