Новиот напаѓач на германскиот бундеслигаш Борусија Дортмунд, 28-годишниот Себастиен Ромен Теди Але боледува од рак на тестисите, објави клубот додавајќи дека репрезентативецот на Брегот на слоновата коска го напуштил клупскиот тренинг-камп поради лекување.
Але, кој ова лето го напушти холандскиот великан амстердамски Ајакс и потпиша за дортмундска Борусија, по тренингот се пожалил дека се чувствува лошо. По деталните прегледи во текот на вчерашниот ден откриен е тумор на тестисите.
„Туморот на тестисите е откриен по деталните лекарски прегледи. Следните денови ќе бидат извршени дополнителни прегледи во специјализиран медицински центар“, објави Борусија.
„Денешната вест беше шок и за Халер и за сите нас. Ќе сториме сѐ што е во наша ноќ за да осигуриме да добие најдобар можен третман“, изјави спортскиот директор на „Милионерите“. Себастијан Кехл замолувајќи ги медиумите да ја почитуваат приватноста на играчот и на неговото семејство.
Родениот парижанец Але кариерата ја започна во француски Оксер, потоа играше за холандски Утрехт, германски Ајнтрахт, англиски Вест Хем и за Ајакс. Во дресот на холандскиот првак во 50 натпревари постигна 32 погодоци, а ова лето за 35 милиони евра беше донесен во Борусија како замена за норвешкиот голгетер Ерлинг Халанд кој мина во Манчестер Сити.
Але настапуваше за сите младински селекции на Франција, но до 2020 година се реши да игра за Брегот на слоновата коска од каде потекнува неговата мајка. За оваа репрезентација одигра 15 натпревари во кои впиша четири погодоци.