НП Шар Планина ќе дозволи легализација на над 700 објекти, само ако се користат за туризам

По евиденцијата на објектите на територија на националниот парк Шар Планина, во следните фази ќе определат тие кои може да се легализираат со цел во иднина да се користат за туризам, најави денеска директоротот на Националниот парк, Ибрахим Дехари. Оваа установа организираше средба со повеќе засегнати страни и е еден од главните поддржувачи Програмата за животна средина при Обединетите Нациии – УНЕП.

-Анализата ја направивме во прва фаза, тоа значи евидентирани се сите објекти што се на Шара, бројката е околу 700 објекти. За нив сега во втората разговараме со општините под кои спаѓаат за да видиме кој од нив ќе можат да се легализираат, некои се од поранешна Југославија, некои се сега градени. Во третата фаза одиме на разговори со сопствениците на тие објекти кои може да ги насочиме за можен туризам. Откако ќе се заврши таа фаза, следува четврта фаза, соработка со странски тур-оператори за туристичка понуда, изјави Дехари.

Според него, за тоа кои од објектите ќе се уриваат, ќе одлучат правосудните органи, а потенцира дека такви има во сите зони.

-Насекаде ги има, има и во активна зона. Во зона на строга заштита нема објекти, освен бачилата. Во другите зони тоа се претежно мали објекти, има и легализирани во активна зона. Пример, има два објекта над Гајре кои се изградени во државна сопственост, изјави Дехари.

Во првата фаза, евидентирани се 769 градби вон населените места на територија на НП Шар Планина. Најмногу, 462 има на територија на Општина Тетово, 115 во Теарце и во Боговиње 74.