НСДП нема да даде поддршка за составот и програмата на Влада што ги предложи мандатарот Христијан Мицкоски.
Според НСДП, Мицковски предлага состав на Влада со кадри на Груевски, кои во најголем дел во минатото служеле на режимот на ВМРО-ДПМНЕ и кои ги следат многу скандали.
„Граѓаните за брзо ќе ги видат на дело кадрите на ‘рециклираниот режим’ и ‘заробената држава’ која ја инсталираа во десетгодишното претходно владеење. Кадри кои служеле на режимот на Груевски, почнувајќи од Мицкоски, не може да донесат и да спроведат реформи, матрицата од претходното нивно владеење останува иста. Во град Скопје и во општините три години го гледаме нивниот начин на спроведување ‘реформи’ и нови проекти, хаос, безредие, прсти во медот, блокирани и нефункционални локални институции, партиски вработувања и скандали. Првите потези и чекори го најавуваат моделот на владеење, особено ако ги гледаме потезите на претседателката на државата која уште во првите недели од мандатот го крши Уставот, ги влошува односите со соседите и на нeдостоинствен начин ја претставува државата“, се наведува во соопштението на НСДП.
Оттаму велат дека од ВМРО-ДПМНЕ очекуваат да ретерира и да отстапува од изборните ветувања.
„Тоа се гледа и по првите потези на нивното делување: не го намалија бројот на министерствата, го прифатија Преспанскиот договор наместо да го ревидираат како што веруваа во предизборната кампања и нема да го вратат претходното уставно име, не предлагаат ревидирање на Охридскиот договор и договорот со Бугарија, вонинституционално договараат задолжување од една милијарда евра, ги влошуваат односите со соседите“, се додава во соопштението од НСДП.
Оваа партија во новиот пратенички состав има двајца пратеници кои влегоа како дел од коалицијата предводена од СДСМ.