Кој, со кого и на кој начин договарал формирање Комитет за туризам, кои се тие што одлучиле да ги игнорираат реалните и вистински угостители и зошто ни е одземено договореното и ветено право рамноправно да учествуваме во формирањето на ова тело?, реагира денеска Независната угостителска комора (НУК).
Во дописот испратен до медиумите НУК јавно прашува со кого и за кого Владата на затворена седница на 11 мај донела одлука за формирање ваков Комитет. Воедно, обраќајки се до премиерот Заев, бара корекции на членот 6 од Одлуката за формирање Комитет на туризам со што, покрај наведените членови и заменици, да се наведат и членови на НУК, Стопанската комора на туризам, како и членови на македонските здруженија Охридски еснаф, Тиквешки угостители, Антигонеа, Клуб еснаф, ЗУТ Крушево, и Прилепски меанџии.
Според НУК, треба да се смени и името на Комитетот во Комитет за туризам и угостителство за со него да се опфати целокупната туристичко-угостителска индустрија. Такво било, дополнува НУК, и првото име на ова тело конституирано со Уредба за основање од Владата на Народна Република Македонија.
-Бараме и очекуваме премиерот Заев на следната седница веднаш да ја исправи грешката која одредени претставници на Владата ја направиле со игнорантскиот однос. Воедно бараме и очекуваме називот комитет на туризам да се промени во Комитет за туризам и угостителство со што реално ќе се опфати целокупната туристичко-угостителска индустрија, наведува претседателот на НУК, Здравко Јосифовски.
Тој потсетува дека во октомври Здружението на угостителство и туризмот при Стопанската комора на Македонија, Туристичко-угостителска комора на Македонија во рамки на Сoјузот на стопански комори и Националната асоцијација за дојдовен туризам (НАИТМ), побараа разрешување на директорот на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, Љупчо Јаневски и избор на нов по предлог на реалниот сектор преку стопанските комори и туристичките асоцијации.
-На молба и барање за поддршка од Здружението на угостителство и туризмот, НУК се приклучи кон барањето за смена на Јаневски и го дополни со иницијатива за промена на името на Агенцијата во Агенција за промоција и поддршка на туризмот и угостителството. Како иницијаторот Здружението за туризам и угостителство при Стопанската комора кое молеше за поддршка за заедничко формирање на овој Комитет и за поддршка за разрешување на директорот на Агенцијата одеднаш се најде заедно со Агенцијата прво на листата на членови во новоформираниот Комитет за туризам?, истакнува Јосифовски.