Нуклеарката Запорожје останува под контрола на Русија

Нуклеарната централа Запорожје, на југот на Украина и најголемата во Европа, останува под контрола на Русија откако овој проруски украински регион по септемврискиот референдум се присоедини на Руската Федерација, соопшти во понеделникот управата на блискиот град Енергодар под руска контрола, откако украински функционер во делот од пропагандата која ја следи војната од нејзиниот почеток објави дека наводно руските сили се подготвувале да ја напуштат централата.

„Медиумите активно шират лажни информации дека Русија наводно планира да се повлече од Енергодар и ќе ја напушти (нуклеарката Запорожје). Овие информации не се вистина“, објавија градските власти на апликацијата Telegram.

Челникот на украинската државна компанија за нуклеарна енергија објави во неделата дека „постојат знаци дека руските сили можеби се подготвуваат“ да ја напуштат централата Запорожје којашто ја контролираат од крајот на февруари веднаш по почетокот на својата офанзива во Украина.

Генералштабот на украинската армија објави во понеделникот дека во украинско гранатирање и борби близу Енергодар на крајот од минатата седмица биле уништени шест единици руска воена опрема и дека околу 30 руски војници биле повредени. Агенцијата Reuters не можела да ги потврди овие информации.

Најголемиот дел од вработените во нуклеарката Запорожје живеат во блискиот град Енергодар, иако Киев тврдеше дека наводно Русија ќе донесе руски персонал кој ќе го замени украинскиот.