Нуров на прием во Агенцијата за млади и спорт

По повод освојувањето на бронзен медал на Светското првенство во борење и освојувањето норма за Летните Олимписки игри Токио 2020, директорот на Агенцијата за млади и спорт, Дарко Каевски денес ги прими освојувачот на бронзениот медал, Могамедгаџи Нуров, претседателот на Боречка федерација, Бетим Вренези и членови од стручниот штаб на борачот.

– Ова е историски момент, и прва обезбедена норма за Олимписките игри во Токио, и во таа насока сакам да изразам голема благодарност од мое име и од името на Агенцијата за млади и спорт. Во соработка со Боречката федерација обезбедивме беспрекорни услови за припремниот период, контролните натпревари, како и настап на борачите на меѓународните натпревари и сето тоа вроди со плод, истакна Каевски.

Тој додаде дека спортот е алатка за премостување на различностите, особено во една мултиетничка средина како што е нашата.

Со освоената бронза на светско првенство, Нуров станува добитник на стипендија од светска категорија на Агенцијата за млади и спорт.

Борачот истакна дека медалот е очекуван, иако патот до него воопшто не бил лесен. Тој се заблагодари на сите членови на Боречката федерација и Агенцијата за млади и спорт за одличните услови, со надеж за олимписки медал за нашата држава.

На прес-конференцијата свое излагање имаше и претседателот на боречката федерација Бетим Вренези, кој беше дециден во намерите на федерацијата да го врати борењето на врвот на спортовите кај нас.

За една година обезбедивме две бронзи во кадетска и сениорска конкуренција. Ова што го направи Нуров е огромен успех, тој се избори со 35 илјадна публика, но и со неговите противници и судии, што е за пофалба, истакна Вренези.