Производителот на чипови „Nvidia“ го надмина сопственикот на интернет пребарувачот Google – „Alphabet“, во однос на пазарната вредност и го зазеде третото место на американсата листа зад „Microsoft“ и „Apple“.
Пазарната капитализација на „Nvidia“ се зголеми на 1,83 трилиони долари во средата, поттикната од силната побарувачка за серверски чипови со вештачка интелигенција (AI). Капитализацијата на „Alphabet“ изнесуваше во тој момент 1,82 трилиони долари.
Цената на акцијата на „Nvidia“ порасна за 2,5 отсто на 739 долари. Акциите на „Alphabet“ го затворија трговскиот ден на 145,94 долари.
Претходно во вторникот, „Nvidia“ го престигна „Amazon“, чија пазарна капитализација беше 1,80 трилиони долари, благодарение на скокот на акциите од 3 отсто.
Само оваа година цената на акцијата на „Nvidia“ скокна за 49 отсто благодарение на бумот на вештачката интелигенција. Во 2023 година се зголеми за повеќе од тројно. Компанијата произведува чипови за сервери со вештачка интелигенција што ги користат софтверските компании и давателите на услуги „во облак“.
Чиповите H100 на „Nvidia“ се барана стока меѓу водечките играчи во секторот за генеративна вештачка интелигенција. Според фирмата за финансиски услуги „DA Davidson“, технолопките гиганти „Microsoft“ и „Meta“ потрошиле по 4,5 милијарди долари на нив минатата година.
Пред бумот на вештачката интелигенција, „Nvidia“ беше позната по графичките картички за гејмерски компјутери.