„Nvidia“ го престигна „Microsoft“ по пазарна капитализација

Американскиот производител на чипови „Nvidia“ го престигна технолошкиот гигант „Microsoft“ и го зазеде првото место на листата компании со најголема пазарна вредност благодарение на силната побарувачка за технологија за вештачка интелигенција.

Пазарната капитализација на „Nvidia“ достигна 3,34 трилиони долари во вторникот, откако нејзините акции го затворија вчерашното тргување во плус од 3,5 отсто поради најавените партнерства со „Hewlett Packard Enterprise“ за инкорпорирање на технологијата на веѓтачка интелигенција во бизнисот.

„Microsoft“, пак, вчерашното тргување го затвори со мала загуба, со вкупна пазарна капитализација од околу 3,31 милијарди долари.

Прагот од три трилиони долари го надмина само „Apple“, чии акции пораснаа минатата седмица по најавата за „подобрување“ на своите производи со вештачка интелигенција.

Подемот на „Nvidia“ е придружен со бумот на апликациите базирани на вештачката интелигенција. Поранешниот производител на графички картички се преориентира кон производство на чипови кои компаниите ги користат за обука на софтвер во центрите за податоци. „Nvidia“ го капитализираше овој тренд со продажба на скапи чипсетови на дигиталните гиганти како „Microsoft“, „Google“ и „Meta“.

И брендот на „Nvidia“ доби вредност благодарение на побарувачката на чипови кои треба да ја следат примената на вештачката интелигенција. и за прв пат се пласира меѓу десетте највредни во светот, според истражувањето на Brand-Z на компанијата „Kantar“.

„Вредноста на брендот на ‘Nvidia’ е речиси тројно зголемена во споредба со минатата година, достигнувајќи 200 милијарди долари. Јавајќи на бранот на ентузијазмот за вештачка интелигенција и зголемената побарувачка за чипови, ‘Nvidia’ првпат се проби во првите 10 највредни светски брендови на ‘Kantar’, заземајќи го шестото место“, се вели во извештајот на компанијата за истражување на пазарите објавен минатата седмица.

„’Nvidia’ е посебна затоа што и малопродажните и институционалните инвеститори веруваат дека ќе игра централна улога во тектонските промени во технологијата“, објаснуваат во „Kantar“.