НВО: При задушувањето на протестите во Иран убиени најмалку 537 лица

Иранските безбедносни сили убиле најмалку 537 лица во задушувањето на протестите што почнаа во септември минатата година во земјата, соопшти Иранската организација за човекови права.

Во претходниот извештај на истата организација се вели дека во задушувањето на протестите биле убиени 488 демонстранти. Невладината организација со седиште во Норвешка, која објави извештај по повод 200 дена од смртта на Махса Амини, наведе дека во новиот број на загинати се вклучени и новите потврдени смртни случаи. Најсмртоносни месеци биле септември со 223 смртни случаи, октомври со 100 смртни случаи и ноември со 173 смртни случаи.

Иран го тресе протестно движење по смртта на Махса Амини, 22-годишна иранска Курдка, која почина во притвор откако беше приведена од полицијата за морал поради кршење на строгите правила за облекување. Таа почина на 16 септември, три дена по нејзиното приведување.

Иранските власти тврдат дека стотици луѓе, вклучително и припадници на безбедносните сили, се убиени во протестите, кои стивнаа во последните недели. Најмногу смртни случаи, 134, се пријавени во провинцијата Систан и Белуџистан сиромашен југоисточен регион во кој живее малцинството Белуџи, кои се придржуваат првенствено кон сунитскиот ислам. Во Иран доминира шиитскиот ислам.

Најмалку, 69 смртни случаи се регистрирани во Техеран, 57 во провинцијата Курдистан и 56 во провинцијата Западен Азербејџан – две провинции во кои живее курдско малцинство, додаде невладината организација.