О.Џеј Симпсон кремиран опкружен со семејството и пријателите во Лас Вегас

Поранешната фудбалска ѕвезда О.Џеј Симпсон, кој беше ослободен од обвиненијата за двојно убиство, беше кремиран во средата опкружен со семејството и пријателите во центарот на Лас Вегас, изјави извршителот на неговата оставнина.

Адвокатот Малколм ЛаВерњ, кој беше адвокат на Симпсон 15 години, рече дека тој бил на утринското кремирање на гробиштата во Лас Вегас, една седмица откако Симпсон почина на 76-годишна возраст по борбата со ракот.

„Она што можам да ви го кажам е дека бев таму и го видов непосредно пред да биде ставен во крематориумот“, телефонски изјавил ЛаВерњ за Reuters. Додал дека биле присутни роднини и пријатели, но не сакал да ги именува.

Рекол и дека се размислува за приватна „прослава на животот на (Симпсон)“ за пријателите и семејството. Кремираните останки на Симпсон „ќе бидат во сопственост на неговите деца и тие ќе постапуваат со нив како што сметаат дека е соодветно, во согласност со неговите желби“, рекол ЛаВерњ.

ЛаВерњ додал дека штотуку почнал да ја средува оставината на Симпсон, која, како што рекол, вклучува „помала од петцифрена“ сума пари на банкарска сметка во Невада, мебел за домаќинството и палки за голф.

Симпсон живееше во Лас Вегас од 2017 година и условниот отпуст од затворот во Невада, откако отслужи девет години за грабеж и киднапирање на двајца трговци со спортски сувенири под закана со пиштол во хотел во Лас Вегас во 2007 година.

Најголемата озлогласеност на Симпсон дојде по неговата ослободителна пресуда во скандалозното судење 12 години претходно, од обвинение дека ги избодел до смрт поранешната сопруга Никол Браун Симпсон и нејзиниот пријател Роналд Голдман во Лос Анџелес во 1994 година.

Друга порота подоцна во граѓанска парница го прогласи за одговорен за нивната смрт и му наложи да плати отштета од 33,5 милиони долари, но поголемиот дел од нив никогаш не беше наплатен.

Со прекарот „Сокот“ (The Juice), Симпсон беше еден од најдобрите и најпопуларните спортисти од доцните 1960-ти и 1970-тите. Тој го освои трофејот Хајсман како најдобар играч во универзитетскиот американски фудбал (рагби) на Универзитетот во Јужна Калифорнија. Продолжи со рекордната кариера во професионалната НФЛ лига со тимовите на Бафало Билс и Сан Франциско 49ерс.

Благодарение на спортската слава, Симпсон продолжи во кариерата како спортски коментатор, огласувач и холивудски филмски актер, вклучително и во франшизата „Гол пиштол“.