ОЈО ја отфрли иницијативата на ДКСК за гонење на судијата Панчевски

ОЈО информира дека е решение за отфрлање на иницијативата за кривично гонење поднесена од Државната комисија за спречување на корупцијата, со образложение дека делото е застарено.

Пријавата се однесува на објавен оглас за вработување на 30 судски службеници во Основниот суд Скопје 1 – Скопје, меѓу кои Државната комисија за спречување на корупцијата утврдила пропусти при вработувањето на едно лице, поточно внук на експретседателот на судот Панчевски, на позицијата помлад судски соработник.

Како што велат од ОЈО постапката за вработување целосно е завршена во мај 2015 година, додавајќи дека кривично гонење не може да се преземе ако поминат три години од извршувањето на кривичното дело за кое според законот може да се изрече затворска казна над една година.

Со оглед на ова, застареноста на кривичното гонење во предметот настапила најдоцна во мај 2018 година, додека иницијативата за кривично гонење од страна на Државната комисија за спречување корупција е поднесена до Основното јавно обвинителство Скопје во јуни 2019 година.