ОЈО анализира докази за Палчевски

По екстрадицијата од Турција на Љупчо Палчевски, јавниот обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје продолжува да презема истражни дејствија во предметот за грабнувањето и убиството на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски.

За петмина осомничени, од кои тројца соизвршители во тешките кривични дела – две грабнувања и две убиства на свиреп начин, еден осомничен за помагање при грабнувањето на малолетно лице и еден осомничен за помагање по извршеното кривично дело, истрагата е во завршна фаза.

Врз основа на меѓународна потерница издадена по наредба на Основното јавно обвинителство Скопје, Република Турција вчера го екстрадираше првиот осомничен за кривичните дела. По барање на јавниот обвинител, за него веќе е определена мерка притвор која веднаш започна да се применува. Во однос на ова лице, јавниот обвинител презема истражни дејствија на прибавување и анализа на докази кои во оваа фаза на постапката не можат да бидат споделени со јавноста.

Палевски, кој минатата година на 6 декември беше уапсен во Баликесир, Турција, синоќа со конвој од пет возила на Интерпол беше спроведен во Истражниот затвор Шутка. Во затворот тој е под специјален безбедносен режим, без контакт со други притвореници.

Тој е осомничен за убиство на малолетната Вања и велешанецот Панче, кои беа пријавени за исчезнати на 27 и 24 ноември 2023, а пронајдени мртви во близина на Велес и на Скопје на 3 декември.

За соучество за убиството се товарат и Велибор Манев, Влатко Кешишов и Боре Видевски кои се во притвор во Скопје. Во домашен притвор од неодамна е и таткото на Вања, Александар Ѓорчевски, кој се сомничи дека помагал во грабнувањето.

Со мерки на претпазливост за овој случај е и Стефан Димовски, возачот на Палчо, кој е осомничен за помагање при бегството.