Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје денеска донесе Наредба за спроведување истражна постапка против две лица за кои постои основано сомнение дека како соизвршители сториле кривично дело – Проневера во службата од член 354 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик. За уште четири лица е поведена постапка за кривично дело – Злоупотреба на службена положба и овластување од член 353 став 5 во врска со став 4 и став 1 од Кривичниот законик.
Како што претходно денеска овјави НетПрес по сознанија од извори во истрагата, полициски службеници утринава направиле претрес во повоеќе приватни домови, поради постоење сомнежи за организиран криминал во Државна лотарија.
Нашите информации велат дека полициски сили упаднале во домот на поранешниот прв вицперемиер Артан Груби, но тој не бил најден таму. Истото се случило и кога полицијата извршила претрес во домот на поранешниот директор на Лотарија , Прпарим Бајрами. И тој не бил дома. Македонските истражните органи се сомневаат дека тој уште пред неколку месеци избегал во Косово. Имало ветување од блиски луѓе на Бајрами дека ќе се врати, но сепак органите на прогонот во Македонија најверојатно ќе изадат потерници и за него и за Артан Груби.
Според истите извори, во претресот во домот на Бајрами полицијата нашла и запленила околу 50.000 швајцарски франци готовина.
„Врз основа на кривични пријави од Министерството за внатрешни работи и од Управата за финансиска полиција, беше спроведена предистражна постапка во рамките на која беа преземени повеќе дејствија, а утрово, врз основа на соодветни судски наредби, беа извршени претреси на девет локации во Скопје и во кумановско со цел обезбедување докази за потребите на постапката. Претресите ги вршеа припадници на Министерството за внатрешни работи, под раководство на надлежни јавни обвинители“, се вели во соопштението објавено на веб-страницата на Обвинителството.
Се додава дека од од прибраните докази произлегува основано сомнение дека двајцата соизвршители, како одговорни лица во АД Друштво за приредување игри на среќа “Државна лотарија” на РСМ, во текот на 2023 година, преку вршење на своите посебни овластувања и должности, заедно учествувале во дејствија на извршување на штета на акционерското друштво со намера да прибават противправна имотна корист за друг која се проценува на значителен износ од 501.319.119 денари од буџетот на акционерското друштво.
Првоосомничениот делото го сторил во својство на претседател на Управниот одбор – Генерален директор на “Државна лотарија”, додека второосомничениот презел дејствија во својство на одговорно лице – претседавач со седница на Влада одржана во својство на собрание на Акционерско друштво за приредување игри на среќа Државна лотарија на Република Северна Македонија. Останатите четворица осомничени биле претседател и членови на комисија за два одделни јавни повици, за кои постои сомнение дека ги злоупотребиле посебните овластувања и должности и ги спровеле јавните повици иако знаеле дека таква постапка во конкретните случаи не смее да биде спроведена, бидејќи не биле исполнети законски услови.