Припадници на службите на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција и истражители направиле упад во Министерството за внатрешни работи, по насока на јавен обвинител, при што одземале обемна документација поврзана со штитење на фирмата „Беса транс”, неофицијално дознава Нетпрес.
Имено, според нашите информации, истражителите по насока на јавен обвинител пронашле голем број скриени документи „во фиока”, кои се однесуваат околку истрагата и случајот за превозникот „Беса транс”, одземајќи и документи за станицата за технички преглед и слично.
Се очекува целата оваа обемна документација да ја сработи јавното обвинителство, при што можно е да бидат опфатени и службеници од МВР, за кои се смета дека биле дел од групата која ја штитела фирмата „Беса транс”.
Соопштение со вакви активности од ОЈО сѐ уште нема, но се очекува како што се развива истрагата, да излегуваат со детали и информации.
Инаку „Беса транс” беше превозна компанија со голем број неправилности во работењето и без лиценци, чиј автобус се запали во Бугарија, на патување од Турција и притоа изгореа 46 патници, што е воедно една од најголемите трагедии.
Целиот период тврдењата во јавност беа дека оваа компанија ја штити власта.