Во врска со скандалот на Онкологија до овој момент извршени се претреси на три локации и задржани се четири лица, информираат од Обвинителство и посочуваат дека Основното јавно обвинителство Скопје продолжува со дејствијата и дека јавноста ќе биде веднаш информирана, откако ќе се создадат услови за тоа.
Меѓу задржаните е и поранешниот директор на Клиника за онкологија и радиотерапија, а другите биле вработени, од кои едната е медицинска сестра, како што претходно во изјава за медумите потврдија директорката на Клиниката Виолета Клисарова и организациски директор, Халид Матоши
Тие посочија дека Клиниката функционира нормално и сите закажани прегледи и терапии течат тековно без проблеми. Нагласија дека надлежните не разговарале со нив, туку само им посочиле дека имале налог за тоа кој треба да биде приведен.
На почетокот од септември минатата година со судска наредба, а врз основа на наводите изнесени во новинарски текстови, беа извршени претреси на Клиниката за онкологија и во два приватни стана. Притоа беа одземени компјутери и документација, кои потоа беа дадени на анализа и вештачење.
Министерството за здравство тогаш даде поддршка за акцијата на Обвинителството и полицијата, а поранешниот премиер Димитар Ковачевски истакна оти се работи за наводи што не смеат да се случуваат и повика да не се прави сензација и напад на сите доктори. Од страна на Владата, додаде тогаш, нема да има никакви интервенции во однос на заштита на кого било. Лидерот на опозицијата, Христијан Мицкоски, пак нагласуваше дека актуелната власт не очекува разрешница на скандалот со Онкологија.
Во врска со скандалот, се формираше и собраниска Анкетна комисија, пред која сведочеа поранешниот министер за внатрешни работи Оливер Спасовски, поранешните министри за здравство Венко Филипче, Беким Сали и Никола Тодоров, актуелниот министер Фатмир Меџити, поранешни и актуелни директори на Фондот за здравствено осигурување, како и други лица и функционери. Членовите на Комисијата имаа по 30 дена за распит на сведоци и уште толку за разгледување документација. Случајот ги подели власта и опозицијата. Рокот за донесување заклучоци на собраниската Анкетна комисија беше до 3 декември. Пратениците од владејачкото мнозинство и опозицијата поради несогласувања, излегоа со различни заклучоци.