Објавен е прв текст кој е резултат на истражување за семејните корени на култниот драмски автор и есеист Горан Стефановски. Автор на текстот е Иван Антоновски, асистент на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ од Скопје.
Во текстот се посочува дека корените на Стефановски се од селото Ербеле, на територијата на денешна Албанија, од каде неговите предци, во 1920 година емигрираат во скопското Дебар Маало. Тој содржи многу сведоштва и информации кои за првпат се претставуваат пред пошироката јавност и отвора многу прашања кои упатуваат кон нови интерпретативни рамништа во вреднувањето и анализирањето на драмите на Горан Стефановски.
Минатата година, во издание на ИК „Полица“ беше објавена книгата на Антоновски, „Идентитетот е приказна“ – прва книга за есеистиката на Горан Стефановски.