Објавена дигитална верзија на двотомната монографија „Кукушкиот говор“ од проф. Коста Пеев

Истражувачкиот центар за ареална лингвистика „Божидар Видоески“ при МАНУ, на веб-порталот за дигитални ресурси на македонскиот јазик во дигитална форма ги постави двата тома на монографијата „Кукушкиот говор“ од проф. д-р Коста Пеев.

Од МАНУ соопштија дека печатеното издание на „Кукушкиот говор” е објавено од „Студентски збор” во 1987 година (Том I) и во 1988 година (Том II). Авторот, проф. д-р Коста Пеев, за двата тома на „Кукушкиот говор” ја доби највисоката награда од областа на науката – „Гоце Делчев”.

Оваа монографија се состои од две книги – првата (во обем од 355 страници) го претставува граматичкиот опис и анализа на кукушкиот говор (фонологија, морфологија, синтакса…), додека втората книга (во обем од 361 страници) ни носи неверојатно богат лексички материјал во форма на речник, фразеолошки речник и текстови (околу 120).

Важноста на монографијата „Кукушкиот говор” ги надминува границите на дијалектологијата и станува неизбришливо сведоштво за историското, јазичното и културно наследство на еден од највпечатливите јужни македонски говори, како и роден говор на големиот македонски револуционер Гоце Делчев. Дигиталното издание на оваа монографија не само што ќе помогне овој говор да излезе од заборавот на времето, туку и ќе овозможи следните генерации дијалектолози, македонисти, слависти и сите други заинтересирани, да имаат увид и можност за проучување на дел од историјата на македонската дијалектологија, како и пристап до неверојатен извор на богатата дијалектна лексика, потенцираат од МАНУ.

Со поставувањето на оваа монографија во дигитална форма, како што посочуваат од МАНУ, одново се осветлува еден важен сегмент од македонскиот дијалектен простор и ѝ станува достапен на пошироката јавност. Оваа монографија носи уште едно научно сведоштво за континуитетот на македонскиот јазик и неговите дијалекти како и за огромното богатство на македонското јазично и културно наследство, информираат од МАНУ.