Обама бара 1, 8 милијарди долари за борба против вирусот Зика

Претседателот на САД, Барак Обама побара од Конгресот 1, 8 милијарди долари за борба против вирусот Зика, соопшти денес Белата куќа, пренесуваат светските медиуми.

Парите ќе бидат употребени за програмите за контрола на комарците, за производство на вакцина, развој на дијагностичките тестови и за подобрување на поддршката за бремените жени со ниски примања, се наведува во соопштението.

Вирусот Зика во главно го пренесуваат комарците, а заразените имаат симптоми на блага грозница или воопшто немаат никакви симптоми. Засега не е потврдена поврзаноста на заразувањето на бремените жени со зголемениот број на бебиња што се раѓаат со микроцефалија.

Она што сега го знаеме е дека постои значајна опасност за бремените жени и жените што размислуваат за раѓање деца, изјави Обама во интервјуто што денес беше емитувано на мрежата Си Би Ес.

Тој додаде дека сепак несмее да има паника. Панамериканската здравствена организација соопшти дека случаите заразени со вирусот зика се регистрирани во 26 земји на американските континенти.

Во САД додега немало пренос на вирусот преку комарци, но некои заразени Американци се вратиле во земјата од државите на Јужна и Централна Америка, од Карибите и пацифичките острови. Во Тексас беше регистриран првиот случај на зараза преку сексуален чин.

Белата куќа соопшти дека Центарот за контрола и превенција на болеста забележал 50 лабораториски потврдени случаи на зараза меѓу американските патници во периодот од декември до февруари.