Американскиот претседател Барак Обама по завршувањето на собирот на лидерите на членките на Групата седум индустриски најразвиени земји (Г7) во Германија порача дека Грците мораат да донесат некои тешки одлуки за да ја спасат својата држава од банкрот и можното проблематично напуштање на еврозоната, јави Танјуг, пренесе МИА.
Обама синоќа, по завршувањето на дводневниот самит Г7, одржан во баварскиот суперлуксузен дворец Елмау, во непосредна близина на Гармиш-Партенкирхен, кажа дека е присутно „чувството на итност за пронаоѓање начин за излез на Грција од кризата, пренесоа француските медиуми.
Излезот од кризата, меѓутоа, од официјалните претставници на Атина бара „сериозност во примената на некои важни реформи, не само да се задоволат барањата на меѓународните кредитори, туку, што е уште поважно, да се создаде платформа од која грчката економија може повторно да почне да бележи раст и да се развива“, истакна американскиот претседател.
Покрај тоа што ги повика Грците да се држат до својот дел од договорот, Обама апелираше и на нивните кредитори да покажат флексибилност.
-Ако двете страни покажат доволно флексибилност, мислам дека проблемот може да се реши, но тоа ќе бара претходно донесување некои тешки одлуки, рече американскиот лидер.
И Германија, земјата домаќин на самитот Г7, исто така, побара од Грција да ги забрза преговоритте со своите меѓународни кредитори за исплата на долговите.
-Не остана уште многу време. Мораме уште многу да се трудиме, истакна Меркел на крајот од самитот, додека францускиот претседател Франсоа Оланд наведе дека крајот на јуни е „максималниот рок“ за постигнување договор.