Обама и Путин разговараа телефонски, за прв пат по февруари

Рускиот претседател Владимир Путин вчера телефонски го побарал својот американски колега  Барак Обама, што е нивни прв телефонски разговор од февруари годинава, пренесува Ројтерс, цитирајќи го соопштението на Белата куќа.

Двајцата лидери меѓу другото разговарале за актуелни теми поврзани со Исламска држава и развојот на настаните на Блискиот исток, како и на ситуацијата во Украина. Обама ја повикал Русија да ги исполни своите обврски во рамки на  Минските спогодби, вклучувајќи го и повлекувањето на сите руски  војници и техника од украинска територија.

Лидерите на двете земји ја разгледале и се поопасната ситуација во Сирија и ја подвлекле важноста на зачувувањето на единството во групата „Пет плус еден“ на пролонгираните преговори, што имаат за цел Иран да го спречат да се здобие со нуклеарно оружје.

Во соопштението од Абакан, во автономната република Хакасија, каде Путин денеска е во посета, прес секретарот на рускиот претседател Дмитриј Песков изјави дека лидерите детално ги разгледале  и актуелните проблеми во билатералните односи. Значајно внимание им бил одделен на комплексот прашања поврзани со борбата против тероризмот, особено со ширењето на влијанието на Исламска држава на Блискиот исток.

Путин и Обама се договориле да им наредат на министерот за  надворешни работи Сергеј Лавров и државниот секретар Џон Кери да се сретнат, за да ја разгледаат оваа тема.

Според Песков, претседателите ја разгледале и реализацијата на Минските спогодби и се договориле во најкусо време помошник државниот секретар Викторија Нуланд и заменик министерот за надворешни работи Григориј Карасин да остварат контакт за да ја разгледаат примената на овие веќе договори детали.