Американскиот претседател Барак Обама изајви дека можноста од избивање на епидемија на ебола во САД е исклучително мала и најави дека ќе изврши притисок на некои светски лидери за зголемено учество во глобалната борба против оваа болест, објави МИА.
Според Обама можноста за епидемија на ебола во САД е мала поради високиот квалитет на американскиот здравствен систем, како и поради тоа што вирусот на болеста не се пренесува така лесно.
Обама, кој претходно нареди испраќање 4.000 припадници на вооружените сили на САД во Западна Африка за помош во изградба на здравствена инфраструктура, нагласи дека светот мора да направи повеќе во борбата против болеста.
– Ќе извршам голем притисок на моите колеги претседатели. Некои големи држави не прават доволно за справување со епидемијата, истакна Обама, без да наведе за кои земји станува збор.
Обама истакна дека американската администрација работи на дополнителни протоколи за контрола на авионските патници со цел да се идентификуваат потенцијално заразени лица со ебола.