Барак Обама, Ангела Меркел, Сји Џинпинг, Дејвид Камерон и другите светски лидери на нуклеарниот самит во Хаг играле видео игри.
Ова го тврди дипломатски извор на британскиот весник „Телеграф“.
Според наводите на весникот, лидерите играле интерактивна нуклеарна воена игра, која што е направена да ги тестира нивните реакции во замислен терористички напад на „нечиста бомба“, која што ги загрозува животите на илјадници луѓе.
Во таа воена игра, терористичкиот напад со атомска бомба се случува во финансиски центар во неименувана светска метропола, која што би можела да биде Лондон, Волстрит, Милано… Терористите биле припадници на неидентификувана глобална терористичка мрежа и украле нуклеарен материјал од неименувана земја која своите резерви не ги сочувала на најдобар начин.
Бомбата била направена во тајна лабораторија, со користење на украден ураниум. Станува збор за импровизирана експлозивна направа, која што е смртоносна.
Секој од светски лидери за играта добил таблет, на кој што избирал еден од четирите понудени одговори. Одговорите потоа биле претставени на групата, по што дискутирале, иако не биле откриени нивните конечни одговори.
„Телеграф“ цитира еден американски претставник кој рекол дека целта на овој невообичаен пристап бил да ги натера лидерите сериозно да размислуваат за безбеноста на нуклеарните резерви, и тоа без да се потпрат на нивните советници.