Наредив преземање на повеќе акции како одговор на агресивното застрашување на руската Влада кон американските претставници и сајбер операциите чија мета беа американските избори, истакна американскиот претседател во заминување Барак Обама.
Овие акции уследија по повторените приватни и јавни предупредувања што ги упативме кон руската Влада и претставуваат неопходен и адекватен одговор на настојувањето да се нанесе штета на американските интереси со кршење на основните меѓународни норми за однесување, нагласи Обама.
Меѓу најавените мерки се санкции за руските разузнавачки агенции ФСБ и ГРУ, како и за 35 руски оперативци кои се прогласени за „персона нон грата“, како и затворање на два руски објекти во Њујорк и Мериленд за кои САД тврдат дека се користат за „разузнавачки цели“.
Анонимен американски претставник наведе дека на руските дипломати им се дадени 72 часови да ги напуштат САД.
Пристапот до објектите ќе им биде забранет на сите руски претставници од утре попладне, додаде претставникот.