Обама загрижен поради составот на новата влада на Израел

Претседателот на САД Барак Обама изрази загриженост поради составот на новата влада на Израел, откако доцна синоќа беше инаугурирана во Парламентот, објави МИА.

– И натаму верувам дека решението за две држави е апсолутно важно не само за мирот меѓу Израелците и Палестинците, туку и за долгорочната безбедност на Израел како демократска и еврејска држава и знам дека во Владата која е формирана има луѓе за кои не е сигурно дека веруваат во тоа – изјави Обама на состанокот со арапските лидери од земјите од Перскискиот Залив во Кемп Дејвид.

Тој оцени дека сегашната шанса за постигнување мировен договор „се чини далечна“, пофалувајќи ја „исклучителната визија“ и храброст“ на договорот потпишан во Кемп Дејвид во 1978 година меѓу Израел и Египет. Тој рече дека тешките избори довеле до она што сега значи траен мир меѓу земји кои биле заколнати непријатели и поради тоа на Израел му е многу подобро.

– Мислам дека истото би се случило и доколку се постигне мировен договор меѓу Израелците и Палестинците – рече Обама.