Од што почина малата Анастасија Маркоска од Охрид, од лекарска негрижа, превид или тешка болест треба да покаже обдукцијата којашто беше најавена за денеска.
Министерството за внатрешни работи информираше за трагичниот настан во неделата во редовниот дневен билтен, но без никакви подиности за првичните сознанија за причините поради кои настапила смртта, освен дека по наредба на Јавен обвинител телото е предадено на обдукција.
Информациите, сепак, отвораат сомнеж за сериозни пропусти во здравствениот систем. Како што се дознава, девојчето првпат било примено за медицинска помош два дена пред трагедијата, односно на 25-ти август. Според сознанијата, му била препишана терапија и било пуштено дома, а следната контрола му ја закажале за три дена.
Состојбата нагло се влошила во саботата, ден по прегледот. Родителите околу 16 часот го донеле детенцето во охридската болница, медицинскиот персонал му дал инфузија и откако му се подобрила состојбата, повторно го пуштиле на домашно лекување.
Истата вечер се случила трагедијата. Детето повторно околу полноќ е донесено во болницата од каде било испуштено, но овојпат со влошена состојба и практично без знаци на живот. Медицинскиот персонал се обидел да го реанимира, но безуспешно.
„Јавноста не мирува и на социјалните мрежи гласно се критикува здравствениот систем и министерт заздравство. Воедно со нетрпение се очекуваат официјалните информации од обдукцијата за причините за прераната смрт на малото ангелче“, пишува охридскиот портал Охриднет.
Министерството за здравство објави соопштение во врска со случајот со починатото двегодишно девојче во Општата Болница во Охрид, во кое информираше дека во петокот девојчето било прегледано на детското одделени во болницата во Охрид каде и била констатирана вироза. По ова, поради симптоми на повраќање, стомачна болка и омалаксаност, бил извршен уште еден преглед. По смртта на девојчето формирана е Комисија која ќе го испитува случајот.