Загадениот воздух во регионот предизвикува над 30.000 предвремени смртни случаи.
Загадувањето на воздухот во Западен Балкан предизвикува голем број предвремени смртни случаи, а последиците вклучуваат пократок животен век и влошување на јавното здравје, е заклучокот од студијата на регионалната кампања „Обединет Балкан за чист воздух”.
Според податоците на Европската агенција за животна средина, лошиот квалитет на воздухот во регионот предизвикува повеќе од 30.000 предвремени смртни случаи, а заедничкиот истражувачки центар на ЕУ укажува на фактот дека загадувањето на воздухот во просек придонесува за намалување на животниот век помеѓу 0,4 и 1,3 години во земјите од Западен Балкан.
– Затоа е неопходно итно да се подобри квалитетот на воздухот и јавното здравје, преку надградба на здравствените системи, велат од Европскиот фонд за Балканот при овомесечната имплементација на третата фаза од кампањата „Обединет Балкан за чист воздух” со партнерите од регионот.
Во студијата е посочено дека само електраните на јаглен на Западен Балкан предизвикуваат економска штета која се движи помеѓу 1,2 и 3,4 милијарди евра годишно за трошоците за здравствена заштита.
Да се постави намалувањето на загадувањето на воздухот како национален, регионален и меѓународен приоритет и да се интегрира во сите процеси на планирање е првото барање на кампањата. Второто барање е да се зголемат буџетските средства за контрола на загадувањето и да се воспостави систем за следење на загадувањето и неговите здравствени ефекти.
Од „Обединет Балкан за чист воздух” додаваат дека целта на оваа кампања е да ги информираат граѓаните за последиците од загадениот воздух и да ги поканат да се придружат во борбата за подобрување на квалитетот на воздухот и продолжување на нашите животи.