Обединети политички штетници на Македонија

Христијан Мицкоски и ВМРО ДПМНЕ одлично си ја тераат работата. За ова не е потребно да се презентираат аргументи. Доволно е да се следат дејанијата на владејачките партии. А, според досегашите чекори на СДСМ и ДУИ, но и на нивниот прикриен партнер Левица, како и на останатата ситна политичка боранија околу нив, очигледен им е големиот предизборен страв од Христијан Мицкоски и од ВМРО ДПМНЕ.

Изборниот дебакл им е неизбежен. Така покажуваат сите досегашни истражувања на јавното мислење. А, да не е така нема се’ погласно да ја промовираат идејата за некаква квази проевропска коалиција. Сите заедно против ВМРО ДПМНЕ. Наводно тие сите се за европска Македонија, а ВМРО ДПМНЕ било против тоа. Но, тоа проевропско незначи дека треба да им ги крадеш лековите на болните од канцер за потоа да ги препродаваш, не треба да гласаш на седница на влада за сопругата твоја да земе стотици илјади евра, не треба да загрозуваш животи на стотици луѓе поради партиски глупости во македонска навигација, не треба да правиш скандали во судството, не треба обвинителството да го држиш за гуша за да работи за партиски интереси, не треба да склучуваш сомнителни тендери за автопати тешки стотици милиони евра, не треба преку УЈП да празниш милиони евра од државниот буџет, не треба како премиер да и’ овозможуваш на сопругата да купува државна земја по багателна цена…

Која проевропска коалиција несреќи едни корумпирани до коска? Нема човек кој ви е поставен на функција, а да не е обременет со тежок скандал.

Па, дури отидоа да коленичат пред Албин Курти и пред Еди Рама. Очајно бараат спас од изборниот дебакл кој им дише во врат секојдневно. Притисокот е голем, ама па ако им е. Човек сам што ќе си наштети, ни душман неможе толку. А, најтешко е човек самиот да си ги признае грешките.

Димитар Ковачевски треба да си се погледне во огледало и да си признае дека подарената премиерска функција не ја истера квалитетно. Тотално потфрли. Потоа треба да им се извини на своите во СДСМ и на крај да се се фати под рака со сите свои функционери и јавно да им се извини на сите граѓани на Македонија затоа што како обичен послушник на „бизнисменот“ Али Ахмети и човек без никаква храборост и доблест за политички одлуки ја турна Македонија во амбис. Ќе бидат потребни години за опоравување на земјава заболена од нивната чума.

Но, ете и една квалитетна задача за следната власт во Македонија. Мора да одговараат пред лицето на правдата за се’ што сторија и за сите криминали! Без разлика дали бил премиер, министер, градоначалник, директор… Секој еден функционер од оваа гарнитура мора да се истражи и ако има докази за криминал, дури и минорен, мора да биде изведен пред лицето на правдата. Така се прави во ЕУ. Нема пардон за никој!

Таканаречената политичка партија Нова Алтернатива е последниот јавно покажан страв од ВМРО ДПМНЕ. Присуството на Миле Зечевиќ е доказ за тоа. Па, барем да се обидоа да и’ соберат троа повеќе луѓе на нејзината јадна „инаугурација“ за лидер.

Во еден разговор, пред некој ден, со еден мој пријател професор, инаку одлично информиран за политичките состојби во земјава, од него добив информација дека во обидот за фомирање на партијата Правда, при собирање потписи во еден град во југоисточна Македонија, ангажираниот од Данела Арсовска успеал цело лето да собере само 28 потписи за нејзина поддршка за регистрирање на политичката партија.

Конфликтната Данела Арсовска сега со силен ветер во грбот од СДСМ, покрај досегашното тапкање по рамо од минорната партија на Стевчо Јакимовски – ГРОМ, која во анкетите не е ниту во рамки на статистичка грешка а и’ лапна еден куп функции, е најновиот показател на стравот на СДСМ и ДУИ од ВМРО ДПМНЕ. Сите заедно против ВМРО ДПМНЕ – И локално и централно. Повеќе малку, заедно прави многу. Тоа им е главната водилка. Ама дали тој нивни план ќе им се валоризира на денот на гласање? Искрено, едно големо НЕ! Неизбежна им е политичката пензија на сите нив заедно. Одлично си направија, оти на една иста страна се групираа сите политички штетници на Македнија. Им олеснија ептен на гласачите при изборот.

Им честитам!

Автор: Дејан Николовски