СДСМ и ДУИ се сѐ поблиску до договор за името на консензуалниот претседателски кандидат на претстојните избори, брифираат партиски извори за Нетпрес.
Иако официјално преговорите меѓу двете владејачки партии сѐ уште не се започнати, во партиските кулоари се споменува дека раководствата постигнале компромис и најверојатно Есад Рахиќ ќе ја трча изборната кампања на СДСМ и ДУИ за наследник на Ѓорге Иванов.
Како што е веќе познато, високи функционери од Бихаќка и Мала Речица истакнаа дека постои начелен договор да се изнајде заемно прифатлив кандидат, кој ќе биде над партиските и етничките линии.
Инаку, во изјава за Нетпрес, вицепремиерот задолжен за европски прашања, од редовите на ДУИ, Бујар Османи, потврди дека консултациите со СДСМ започнуваат в понеделник, но и дека имиња на потенцијални кандидати засега нема. Процесот за изнаоѓање на заеднички кандидат, кој ќе ја бие битката да се смести во Вила Водно наредните пет години, нема да започне денес, бидејќи претседателот на владејачката партија од македонскиот блок, Зоран Заев, не е во земјава.
Редакцијата на Нетпрес се обиде да го контактира Есад Рахиќ, но тој не одговори на нашите повици. Се обидовме да добиеме одговор и од порпаролот на СДСМ, Костадин Костадинов, но до објавувањето на текстот немаме потврда или демант на информацијата.
Претседателот на Собранието, Талат Џафери нагласи дека изборите ќе бидат распишани на 8 февруари, а ќе се гласа на 21 април (прв круг) и на 5 мај (втор круг).
Рахиќ ја започна политичката кариера како член на СДСМ и ја извршуваше функцијата пратеник во периодот 2002-2006, од каде подоцна беше исклучен, а веќе во вториот мандат од 2006 до 2008 делува како независен пратеник. Роден е во 1964 година во Скопје и е етнички Бошњак. Рахиќ е дипломиран правник и во својата биографија наведува дека добро го познава англискиот јазик, а се служи и со турскиот и германскиот јазик.