Министерството за здравство обезбедни нови 70 специјализации во угледни клиники во Европа за 70 доктори по општа медицина. Министерот за здравство, Никола Тодоров, истакна дека веќе тројца доктори се заминати на специјализација во Нинберг, Германија, а за скоро време треба да заминат уште двајца кои ќе специјализираат на кардиологија и торакална и дигестивна хирургија.
Тодоров, најави дека 10 специјализанти ќе заминат во клиниките во Загреб и Белград, а предвидени се специјализации и во клиниките во Љубљана и Софија, како и зголемување на бројот на лекарите за специјализација во Нинберг, Германија.
Во септември, специјализанти ќе заминат во Србија и Хрватска, каде докторите ќе специјализираат во неколку области како дигестивна и васкуларна хирургија, неврохирургија, гинекологија и акушерство и други области.
“Веќе се распределени одреден број на специјализации. Засега се знае дека на доедукација ќе одат по шест доктори од Клиничките болници во Штип и Битола, по четири од ГОБ 8-ми Септември, како и болниците од Велес и Струмица и Специјалната болница Св. Еразмо, по три од Универзитетската клиника Св . Наум Охридски, Институтот за белодробни заболувања кај децата-Козле и Клиниката за очни болести, и една специјализација за Клиниката за радиологија”, рече министерот Тодоров.
За учебната година 2013/2014 година, министерството додели 267 специјализации и 44 субспецијализации.