Кисела Вода обезбеди противпожарно возило кое има за цел да ги заштити животите и имотот на граѓаните. Како што објави на прес конференција градоначалникот Орце Ѓорѓиевски, ова возило кое е донација од “Шпаркасе Лизинг”, ќе и биде понудено на Противпожарната Бригада-Скопје, со цел таа да може поефикасно да одговори на идните предизвици и да ги заштити жителите на општина Кисела Вода. Се заблагодари на компанијата за покажаната општествена одговорност, а директорот Марјан Манчев му ги предаде клучевите од возилото и најави дека ова е почеток на соработката од која треба да произлезат бројни проекти во интерес на граѓаните.
-Со големо задоволство денес сакам да објавам дека во насока на зголемување на безбедноста на нашите граѓани, со цел да се заштитиме од непредвидливите и разорни последици на пожарите, Општина Кисела Вода успеа да обезбеди противпожарно возило. Секое лето, а посебно изминатово, сите видовме колку лесно и брзо може да се запали и прошири пожар, загрозувајќи го животот, домот и природата и за жал увидовме дека е неопходно подобрување на капацитетите на нашата Противпожарна Бригада. Голема е мојата благодарност до компанијата “Шпаркасе Лизинг”, која ги препозна нашите намери и како општествено одговорна компанија, покажа исклучителна грижа за безбедноста на нашата заедница, донирајќи ни го ова противпожарно возило. Ваквите партнерства меѓу приватниот сектор, општините и јавните служби се и повеќе од потребни кога за цел имаме подобрување на условите за живот на сите граѓани. Она што е наш следен чекор, како локална самоуправа е да и’ го понудиме ова возило на Противпожарната Бригада, со цел, таа да може побрзо и ефикасно да реагира и да ги заштити граѓаните, а пред се’ жителите на општина Кисела Вода. Сметам дека снабдувањето со ново возило претставува значајна помош, особено во моменти кога навистина е неопходно брзо и ефикасно да се реагира-изјави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.
Директорот на “Шпаркасе Лизинг”, Марјан Манчев истакна дека како компанија која е длабоко посветена на општествената одговорност и поддршката на локалните заедници, го препознаваат значењето на соработката меѓу приватниот сектор и јавните институции и ја продолжуваат таа традиција преку донацијата на противпожарно возило на Општина Кисела Вода.
-Знаеме дека секоја општина се соочува со предизвици кои бараат брзи и ефикасни одговори, особено во ситуациите кога е загрозена безбедноста на граѓаните и нивниот имот. Противпожарното возило кое ќе помогне во спасувањето на животи и намалувањето на штетите во моменти кога секоја секунда е важна. Со оваа донација, се надеваме дека ќе придонесеме кон уште побрза и поефикасна реакција на противпожарните служби за жителите на општина Кисела Вода. На крајот, би сакал да потенцирам дека и понатаму ќе останеме отворени за соработка и поддршка на вакви и слични иницијативи. Заеднички, можеме да направиме многу повеќе за нашата заедница и нашата иднина-изјави директорот Манчев.