Се погласни се гласините дека поединци од најзначајната институција надлежна за проучување на историјата на Македонија и македонскиот народ, JНУ Институт за национална историја се инструментализирани за да ги спроведат одредбите од Преспанскиот договор со Грција и Договорот за пријателството, добрососедство и соработка со Бугарија во поглед на историјата на Македонија и македонскиот народ.
Вчеравечер, порталот expres.mk повикувајќи се свои извори објави текст под наслов „Скандалозен предлог: Наместо Македонија во историските научни области да стои Северна Македонија“ во кој што се тврди дека претставник на Институтот за национална историја (ИНИ) се залага наместо Историја на Македонија да се изучува Историја на Северна Македонија во различни периоди.
Според неофицијални информации на „Нетпрес“ оваа идеја ја турка проф.д-р Биљана Ристовска-Јосифовска со овластување од актуелниот директор, академик Драги Ѓоргиев.
За потсетување на јавноста, проф.д-р Биљана Ристовска-Јосифовска е сопруга на Перо Јосифовски, поранешен директор на НУ Музеј на Македонија кој во 2015 година беше четвртообвинет во предметот за исчезнување на артефакти и сестра на поранешната пратеничка од ДОМ, Љиљана Поповска.
На веб страницата на ИНИ не се прикачени Статутот и интерните акти за да може да се провери каква е постапката за да се делегира член во Комисијата за изготвување на нова класификација на научните и образовните области и полиња и дали Советот на оваа институција има надлежност.
Истите извори кои ги консултиравме тврдат дека актуелниот директор кој е и претседател на македонскиот дел од Комисијата за историски и образовни прашања, одлучува сам за секое прашање вон пропишаните акти, процедури и тела.
Не е изненадување, велат упатените ако посочената историчарка биде адут на власта за нова директорка на ИНИ откако ќе заврши мандатот на академик Драги Ѓоргиев во мај оваа година.
Иако не е истакнат партиски активист или член, близината со актуелниот директор и прифаќањето да се форматира изучувањето на историјата на Македонија според политичките договори со Бугарија и Грција може да ѝ донесе мандат како директорка.
Останува да ги следиме реакциите на научната јавност и сите засегнати од случувањата во оваа навидум тивка институција, дали македонската историската наука ќе успее да одолее на политичките потреби и преземени обврски од власта кон соседите.