Обиениот полициски магацин во Охрид бил полн со боева муниција, гранати и хемиски средства

Вчера во Охрид, во Полициска станица на Граничната полиција при Регионален центар Запад попладнето беше обиен магацин и извршена е кражба на околу 50-ина разни бомби и друга запленета опрема, неофицијално дознава Нетпрес од полициски извори.

Интересно е што според истите извори, во првичните изјави никој ниту видел, ниту слушнал нешто сомнително, иако сѐ се одвивало непосредно до полициската станица.

„Се работи за магацин лоциран во поранешната касарна ,,Михајло Апостолски” составен од три простории кои биле полни со боева муниција, гранати, како и хемиски средства и истиот е во сопственост на Полициската станица од општа надлежност Охрид при СВР Охрид. Ракувач односно магацинер во истиот е Игор Буџакоски и тој денеска треба да врши увид и попис што конкретно е украдено. Пред 4 дена полициски службеници од Гранична полиција забележале дека дел од оградата во близина на магацинот е исечена и истите напишале службена белешка за истото, пред два дена извршиле обиколка и се било во ред, додека вчера попладне случајно забележале дека е обиена главната врата од магацинот, дознава Нетпресс од свои извори.

Вчера извори од охридската полиција истакнаа дека воопшто не се вршело обезбедување на магацините, и дека тоа било со амин на Министерството за внатрешни работи.