
Објавен конкурс 30/35 за упис на факултет за академската 2015/2016 година, наменет за жени над 30 и мажи над 35 кои се без високо образование или пак не го дооформиле.
Вкупно има 670 слободни места, од кои најмногу на Државниот универзитет-Тетово (315), на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ 230, на „Гоце Делчев“ во Штип 80 и на „Климент Охридски“ во Битола 45 места.
На располагање на кандидатите им стојат вкупно 44 студиски програми, во најголем дел технички, на 16 факултети од четирите универзитети. Тие самите ги утврдуваат критериумите и роковите за упис.
Заменик-министерот за образование и наука Спиро Ристовски рече дека кандидатите за конкурс 30/35 за упис на факултет треба да имаат завршено четигодишно средно образование и заснован работен однос на неопрeделено време или невработени лица кои се пријавуваат во Агенцијата за вработување најмалку пет години. Тие ќе ги кофинансираат студиите со 200 евра годишно. Повеќе информации се наведени на вебс-траницата на МОН www.mon.gov.mk.
Конкурсот е проектиран согласно со резултатите од деталната анализа на потребите на пазарот на трудот во земјата и утврдувањето на дефицитарните занимања, односно занимања кои се актуелни или ќе бидат барани во иднина. Проектот 30/35 се спроведува шеста година и досега можноста ја искористиле околу 1500 граѓани, рече Ристовски.
Возрасната граница за овој проект од 35/45 минатата година беше намалена на 30/35.