Климатски предизвик за граѓаните од Македонија кои преку иновативни идеи ќе се борат против климатските промени и зголемувањето на урбана отпорност денеска официјално беше објавен од Програмата за развој на ОН – УНДП и Агенцијата за меѓународен развој на САД – УСАИД во партнерство со Амбасадата на Шведска, Министерството за животна средина и просторно планирање, Милеуконтакт и Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство-ФИНКИ.
Предизвикот, според организаторите, има урбан фокус бидејќи, како што велат, градовите се главни причинители на климатските промени, а истовремено се соочуваат со драматични ризици од нивните последици, вклучувајќи поплави и екстремни временски појави.
Министерот за животна средина и просторно планирање Башким Амети нагласи дека Министерството со задоволство го поддржува овој климатски предизвик кој, како што рече, се покажа како успешна алатка преку која граѓаните од целата држава имаат можност да достават предлози за иновативни проекти насочени кон зголемување на урбаната отпорност.
Се надевам дека сите оние кои имаат идеја како да го намалат ефектот од човековите дејствија врз природата ќе ја препознаат можноста нивните идеи да се претворат во реализација, истакна Амети.
Постојаниот претставник на УНДП во Македонија, Луиза Винтон потенцира дека Македонија посебно е изложена на проблемот со климатските промини.
Со сегашново темпо многу штетни последици ќе има за земјоделството. За 40 години од сега производството на јаболка би се намалило за 40 проценти додека пак производството на грозје би се намалило за 32 отсто, истакна Винтон.
За да се спречи тоа сценарио, рече таа, ОН дава поддршка на Владата на РМ изразена преку сугестии и мерки за адаптација.
Според директорот на мисијата на УСАИД, Џејмс Штајн добрите идеи не се само во доменот на научниците и инженерите.
Ги повикуваме сите да ги стават своите капи за размислување за поддршка на глобалните цели за чиста енергија, рече Штајн и додаде дека за таа цел повикува и слоганот на конкурсот „Од Тебе Зависи“.
Најиновативната идеја ќе биде наградена со грант од 10.000 американски долари, од кои 1.000 ќе бидат доделени како парична награда, додека 9.000 долари ќе бидат доделени на победникот во форма на придонеси за да се поддржи развојот на идејата во прототип на решение. Ова вклучува технолошка поддршка, менторство и помош во изнаоѓање партнери кои би можеле да бидат заинтересирани за усвојување на решението или за финансирање на неговиот натамошен развој.
Правота на интелектуалната сопственост ќе му припадне на иноваторот, но организаторите го задржуваат да ги надградат решенијата за целиве на нивните проекти, во согласност со иноваторот.
Право на учество имаат сите граѓани на Република Македонија. Процесот на селекција ќе се одвива во три фази и победникот ќе биде избран од страна на жири кое што ќе се состои од претставници од УНДП, УСАИД, Шведската амбасада, релевантни државни институции, меѓународни експерти и претставници од приватниот сектор.
На минатогодишниот предизвик биле пријавени повеќе од 130 иновативни предлози од граѓаните. Победници беа „паметните влошки“ за обувки со кои може да се полни телефон и серија на вирални видео клипови за подигнување на јавната свест за климатските промени.