Објавен конкурсот за доделување на државната награда „Гоце Делчев“

Министерството за образование и наука информира дека е објавен конкурсот за додeлување на Државната награда „Гоце Делчев“.

Со наградата “Гоце Делчев” се оддава општествено признание за особено значајно остварување во сите области од науката од интерес на Македонија. Наградата во 2014 година се доделува за научно остварување објавено во 2013 година. Наградата се доделува на поединци или на група автори од земјата или од странство.

Право на конкурирање има автор или група автори на остварувања што се објавени, рецензирани и каталогизирани. За датум на објавувањето се смета датумот што е објавен во каталогизацијата на публикацијата, односно датумот кога остварувањето е објавено на друг начин. Поединец или група автори може да биде добитник на награда за остварување во истата област само еднаш. Член од група автори може како поединец да биде добитник на наградата за друго остварување и во истата област.
Предлози за доделување на наградата можат да поднесат: Македонската академија на науките и уметностите, универзитетите, научните установи, истражувачко – развојните единици во стопанството, научни и стручни здруженија, други здруженија на граѓани и граѓани.

Предлогот за доделување на наградата треба да биде образложен и да содржи: лични податоци за авторите, адреса на живеење, библиографски податоци и кратко образложение за значењето на остварувањето кое се предлага за наградата. Предлозите за остварувањата објавени на други јазици треба да содржат кратко резиме на македонски јазик до 3 страни и содржина на македонски јазик до 5 страни.

Предлозите за доделување на наградата и примероците од од научните остварувања треба бидат поднесени од 01.01.2014 до 15.02.2014 година, до Министерство за образование и наука – Одбор за доделување на наградата “Гоце Делчев” 1000 Скопје,“Kирил и Методиј” бр. 54.