Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“-Скопје до средата го објави Конкурсот за запишување студенти на прв циклус студии во академската 2017/2018 година, во кој новина е укинувањето на дисперзираните студии. Слободни се вкупно 10.818 места.
Според квотите одобрени од владата, 5.865 слободни места се за редовни студенти за кои годишната партиципација е 200 евра, 3.793 места се за редовни со кофинансирање на студиите со 400 евра годишно и 1.160 за вонредни студенти кои, исто така, плаќаат 400 евра.
Првиот рок за пријавување на кандидатите е на 17-ти и 18 август, вториот рок е на 4 септември, а на факултетите на кои ќе има слободни места третиот рок за пријавување за упис е на 15 септември.
Во конкурсот на УКИМ се наведени критериумите за упис и потребните документи. Еден од условите е положена државна матура. Резултатите од полагањето на екстерните испити од државната матура, Државниот испитен центар треба да ги објави најдоцна до 14 јули 2017.