Десетиот јавен повик за доставување барања за користење финансиски средства од петтата компонента на Инструментот за претпристапна помош за рурален развој на Европската Унија е објавен денеска и истиот ќе трае до 10. декември годинава.
Парите од ИПАРД Програмата 2007-2013 се наменети за мерките за инвестиции на земјоделските стопанства со цел нивно преструктуирање и надградба за достигнување на стандардите на Европската Унија, инвестиции за преработка и маркетинг на земјоделските и рибните производи со нивно преструктуирање и надградба за достигнување на стандардите на Европската Унија и за диверзификација и развој на руралните економски активности.
Целта на ИПАРД Програмата 2007-2013 е преку соодветни мерки за поддршка на земјоделството и руралниот развој да се подобри конкурентноста на земјоделското производство и земјоделско-прехрамбениот сектор, преку нивно усогласување со стандардите на Европската унија и постигнување одржлива животна средина и социо-економски развој на руралните средини преку поттикнување на економската активност и зголемување на можностите за вработување.
Потребната документација за подготовка и поднесување барања, вклучително и Упатствата за корисниците на средства од ИПАРД Програмата 2007-2013 може да се преземат од веб страната на Агенцијата www.ipardpa.gov.mk или www.pa.gov.mk, како и лично во приемницата на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој и во најблиските регионални центри или работни единици на Агенцијата за поттикнување на развој во земјоделството секој работен ден од 8:30 до 16:30 часот.
Во Агенцијата за поттикнување на развој во земјоделството заинтересираните земјоделски производители можат да добијат и информации за изготвување и доставување барања, како и практични совети за аплицирање. Листата на регионални центри или работни единици на Агенцијата за поттикнување на развој во земјоделството со податоци за контакт е објавена на веб-адресата www.ipardpa.gov.mk или www.pa.gov.mk.