Објавен е повикот за давање под закуп на државното земјоделско земјиште во Џумајлија. Површината од вкупно 4.000 хектари е поделена на четири целини. Во првата, инвеститорот е должен да изгради краварска фарма за максимум четири години, односно да вложи најмалку шест милиони евра, објави МИА.
Како што соопшти денеска на прес-конференција ресорниот заменик-министер Ванчо Костадиновски, земјиштето во Џумајлија од првата целина се дава во закуп на 15 години, а од останатите три целини на различен период зависно од намената – ако се употребува за одгледување долгогодишни насади (лозје, овошки) над 30 години, за житни култури 15 години, за маслинарници 50 години, за лешници 70 години,…
Во овие три целини, објасни Костадиновски, инвеститорот мора да вложи најмалку два милиона евра во преработувачки капацитет кој ќе им биде на располагање и на земјоделците од другите региони.
Минималната почетна цена за електронското јавно наддавање ќе биде 70.000 до 100.000 евра по целина. За прва и втора класа земјиште минималната цена е 120 евра за хектар, за трета и четврта класа 90 евра, за петта и шеста 80 евра и за седма и осма класа е 60 евра, истакна заменик-министерот.
Тој информира дека покрај Џумајлија, објавен е оглас за давање под закуп државно земјоделско земјите и во уште три региони, – Струга, Струмица и Ресен.
Површината во Ресен од вкупно 25,5 хектари е поделена на две целини од кои првата (21 хектар) се дава во закуп на 30 години, а е наменета за одгледување долгогодишни насади. Втората (4,5 хектари) е за одгледување други земјоделски култури и се дава во закуп на максимум 15 години. На ова земјиште ќе треба да се изгради и фарма за говеда за максимум четири години, односно инвеститорот е должен да вложи најмалку три милиони евра.
Во Струмица под закуп се нудат 40 хектари за одгледување култури на 15 години, но обврска е и изградба на ладилник за две години кој ќе може да го користат и земјоделци од други региони.
Во Струга за закуп се предвидени 16 хектари и на нив треба да се гради живинарска фарма, вредна најмалку 100.000 евра, но и да се произведува сточна храна.
Сите потенцијални инвеститори ќе треба да поднесат бизнис-план со пропишаните минимални инвестиции за изградба на објектите што се бараат – фарми, ладилници,… Одредбите мора максимално да се почитуваат. Ако не се запази рокот за изградба на капацитетите, недовршените објекти остануваат во сопственост на Република Македонија, напомена Костадиновски.
За земјиштето во Џумајлија на претходно објавениот оглас за интерес, се јавиле околу 30 комапнии од кои 16 странски и 14 домашни. Најголемиот дел од нив се заинтерсирани за одгледување житни култури, овоштарници и лешници.
Повикот за земјиштето во сите четири региони ќе трае 60 дена.