Издавачката куќа „Библион“ од Истанбул го објави преводот на романот „Зад аголот“ од Томислав Османли на турски јазик. Романот, кој на македонски е објавен од „Магор“ во 2012 година, на турски го преведе Мехмед Јонуз.
По бројните објави на „Дваесет и првиот“, претходниот награден роман на Османли, ова е прва меѓународна објава на неговиот втор, структурно покомплексен роман.
„Зад аголот“ развива девет линии на дејства од кои дел се преплетуваат, а дел се продолжуваат, при што неговиот хронотоп има опфат од јонската и атичката антика, до современа Европа, Азија и Америка со фокус врз 1999 година, односно до математички и симбилички последната година на минатиот век.
Во годината кога се појави, романот „Зад аголот“ на Османли беше финалист на сите домашни прозни награди.
Објавувањето во Истанбул е со поддршка на Министарството за култура на Република Македонија преку конкурсот за субвенционирање странски издавачи.