Објавена најнова прозна творба на Томислав Османли

Со најава на насловната страница, белградскиот портал „Контрапрес“ деновиве објави расказ од македонскиот писател Томислав Османли. Станува збор за расказот „Џебовите на генералот Кондијевиќ“ пишуван во духот на критичката фарсична проза карактеристична за творештвото на Османли, од објавата на неговата петта прозна збирка „Каприча“ („Магор“, 2008). „Џебовите на генералот…“ е најновата, црнохуморно и фантастично интонирана, прозна творба на нашиот писател.

Инаку, ова е втора литературна објава на Томислав Османли во истиот портал. Минатата година „Контрапрес“ го објави расказот “Свадбата на Дорќол“, една од неговите прози пишувани на темата од историското присуство и драма на Евреите лоцирани како во Македонија, така и на поширокиот балкански простор.

Белградскиот портал, критички ангажирната проза на македонскиот писател ја објавува во рубриката насловена „АРТивизам“ и ја проследува со неговата подробна авторска биографија.