Регулаторна комисија за енергетика одлучи во вторникот повторно по празниците да ја зголеми цената на горивата, а а таа последен пат е утврдена според постојната методологија.
Малопродажните цени на нафтените деривати согласно Методологијата за формирање на цените, се зголемуваат во просек за 1,12 отстп. Малопродажната цена на бензинот ЕУРОСУПЕР БС-95 се зголемува за 0,50 ден/лит, во однос на цената утврдена со Одлуката од 15.04.2019 година и со тоа малопродажната цена на ЕУРОСУПЕР БС-95 изнесува 72,00 ден/лит.
Малопродажните цени на бензинот ЕУРОСУПЕР БС-98, на дизелот ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) и на Екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1), се зголемуваат за 1,00 ден/лит, во однос на цените утврдени со Одлуката од 15.04.2019 година и со тоа малопродажната цена на ЕУРОСУПЕР БС-98 изнесува 74,00 ден/лит, малопродажната цена на дизелот ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) изнесува 63,50 ден/лит, додека малопродажната цена на Екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) изнесува 52,00 ден/лит.
Малопродажната цена на мазутот М-1 НС се намалува за 0,078 ден/кг во однос на цената утврдена со Одлуката од 15.04.2019 година и со тоа цената на мазутот М-1 НС изнесува 34,377 ден/кг.
Овие цени важат две седмици од одлуката, од ноќеска на полноќ.
Засега не е познато како ќе се утврдува цената по 8-ми мај, кога истекува обврската од купопродажниот договор со ОКТА. Извесно е дека во цената ќе влезе трошокот за складирање на нафтените деривати, потоа трошокот за транспорт, повисоки трошоци ќе има и за набавка на поголеми количини. Копјата се кршат и околу висината на маржата која ја добиваат нафтените компании. Сега таа изнесува 3,2 денари по литар, а се бара да се качи на 6 денари. Од Регулаторната комисија велат дека се во преговори, и тврдат дека новата методологија нема да придизвика ценовен шок.
Нејзиниот прв човек вели дека за да се примени новата методологија треба да стапат на сила измените во Законот за енергетика кој е донесен во Собрание, но е не потпишан од претседателот Ѓорге Иванов, па ќе треба повотрно да се гласа. Очекувањата се дека процедурата ќе заврши навреме, односно до 8-ми мај.