Објавување на резултатите од истрагата за трговијата со органи во Косово

Во Брисел денеска ќе биде објавен извештајот на Специјалниот истражен тим на ЕУ во врска со истрагата за трговијата со човечки органи во Косово во 1999-та година.

Вилијамсон, како што се најавува во соопштението на Специјалниот тим, ќе ги изнесе сознанијата што во текот на истрагата ги собрал неговиот тим.

Обвинението ќе биде покренато дури по формирањето на Специјалниот суд, што се очекува на почетокот на следната година.

На 22 јули Вилијамсон престојуваше во Белград, каде српските официјални претставници ги запозна со следните чекори во истрагата, истакнувајќи дека нејзините резултати ќе бидат на време соопштени и дека не треба однапред да се донесуваат заклучоци.

Српскиот премиер Александар Вучиќ, по разговорите со Вилијамсон, истакна дека  извештајот ќе биде од огромно значење за Србија и дека ќе ја потврди објективноста на институциите на ЕУ и меѓународната заедница во истрагата на злосторствата сторени во текот на војната во Косово и на просторите на поранешна Југославија.

Вилијамсон порача дека е свесен за шпекулациите за наодите на Специјалниот тим, но истакна дека информациите за резултатите од истрагата нема да  бидат  објавени пред соопштувањето на самиот извештај и додаде дека не треба однапред да се донесуваат заклучоци.

Вилијамсон, ден претходно, престојуваше во Приштина, каде разговараше со косовскиот претседател Атифете Јахјага, заменик премиерот Хајредин Кучи и министрите за внатрешни работи и за одбрана, Бајрам Реџепи и Агим Чеку, но не се сретна со косовскиот премиер во заминување Хашим Тачи.

Според наводите на приштинскиот печат, Вилијамсон во март го испрашувал Тачи во вреска со истрагата. Весникот „Коха диторе“ минатата недела информира дека тимот на Вилијамсон нашол докази за воени злосторства што ги сториле поранешни припадници на ОВК, но не и доволно докази дека во Косово имало трговија со органи.

Според наводите на приштинскиот весник, најмалку 10 поранешни припадници на ОВК ќе бидат обвинети за воени злосторства.