Американските обложувалници ги зголемија шансите на поранешниот американски претседател и републикански кандидат Доналд Трамп да победи на претстојните претседателски избори по вториот наводен обид за атентат, покажуваат податоците на онлајн платформата Polymarket.
Според податоците од овој сервис од понеделникот напладен по средноевропско време, Трамп ќе победи на изборите со 49 отсто веројатност, односно пораснале за еден процентен поен. Шансите на актуелната американска потпретседателка и кандидат на демократите Камала Харис, пак, се намалиле за истиот процентен показател и сега се проценуваат на 50 отсто. Како што посочува порталот, облозите на овој настан се ближат кон милијарда долари.
Овие прогнози следеа набрзо откако официјалниот претставник на американската Тајна служба, која ја обезбедува безбедноста на највисоките државни функционери, Ентони Гуглиелми, изјави дека агенцијата го истражува инцидентот со пукањето што се случи во неделата во близина на местото каде престојувал Трамп. Како што објави Fox News, американското Федерално истражно биро (FBI) е вклучено во истрагата за веројатниот обид за атентат врз Трамп.
Конгресменката Марџори Тејлор Грин, која е блиска до Трамп, објави изјава дека „направен е обид врз политичарот“ и „се обиделе да го убијат“. Според CNN, американските власти веруваат дека пукањето во близина на голф-клубот на Трамп на Флорида било неуспешен обид за атентат врз републиканецот.