На аеродромот „Св. Апостол Павле“ Охрид попладнево од Белград слета авион на „Ер Србија“ со 57 патници, со што по пауза од шест години е обновена сезонската авиолинија на оваа релација.
„Ер Србија“ ќе лета четири пати неделно од Охрид до Белград, во понеделник, среда, петок и во сабота и како што беше истакнато, ќе биде добро поврзување на патниците со западноевропските и прекуокеанските држави.
Авионот беше пречекан со воден мост, во присуство на министерот за транспорт и врски Благој Бочварски и раководството на аеродромскиот концесионер ТАВ Македонија.
Преку оваа авио-линија овозможено е поврзување со голем број дестинации, како Амстердам, Виена, Берлин, Болоња, Цирих, Дизелдорф, Франкфурт, Хамбург, Копенхаген, Љубљана, Њујорк, Осло, Подгорица, Прага, Рим, Венеција и Загреб.
Според министерот Бочварски, и оваа линија е во тајминг кога само ги потврдуваме одличните релации со Србија, кога во рамки на иницијативата Отворен Балкан создаваме низа погодности за нашите и за српските граѓани и земјите ги доближуваме до регионалната економска соработка и унапредување на слободата на движење на луѓе и добра.
-Оваа авио-линија има за цел исто така, да овозможи туристичка промоција на Охрид и охридскиот регион. А Охрид како најголем туристички центар во Северна Македонија има огромен потенцијал да прими нови туристи и да ги покаже сите свои историски, културни знаменитости и туристички потенцијали, рече Бочварски.
Директорот за комерцијални работи и стратегии на „Ер Србија“ Бошко Рупиќ исто така оцени дека линијата е од големо значење и за Северна Македонија и за Србија и ќе придонесе за зголемен број туристи.
-Ќе летаме четири пати неделно, понеделник, среда, петок и сабота. Мислам дека термините се добри за туристите и тоа уште сега го гледаме по бројот на резервации за целата летна сезона. Голем број патници од Србија ја користат оваа линија за Охрид, така што може да се очекува раст од наши туристи. Но, исто така, гледаме и голем број на транзитни патници кои преку Белград, користејќи ја нашата мрежа дали кон Северна Америка или Западна Европа патуваат преку Белград и ја користат оваа линија за Охрид, изјави Рупиќ.
Според директорот на ТАВ Македонија Неџат Курт, одлуката на „Ер Србија“ да сообраќа повторно на оваа релација дополнително ќе придонесе за зголемени операции во текот на летната созона на Охридскиот аеродорм и додава голема вредност за туризмот во Охрид и околината.
-Со четирите неделни летови оваа рута ќе има ефект врз севкупниот раст на Охридскиот аеродром и регионот и ќе биде уште поатрактивна опција и избор за туристите од Србија кои ќе може да пристигнат со авион во Охрид за само час и половина, што е пократко, побрзо и полесно патување за разлика од патување со автомобил. Од друга страна, луѓето што живеат во Охрид и во околината ќе имаат одлична можност да отпатуваат во Белград и да ги откријат убавините и на тој град. Ние како ТАВ, сме убедени дека ова повторно воведување на летовите ќе им користи не само на патниците кои патуваат за одмор, туку и ќе го олесни економскиот раст, културната размена меѓу блиските соседи Србија и Северна Македонија, рече Курт.
Охрид-Белград е втора дестинација на „Ер Србија“ во државава, покрај Скопје.