Претседателот на движењето Двери, Бошко Обрадовиќ, изјави денеска дека единствената тема на разговорите со претставниците на Европскиот парламент (ЕП) е одложување на датумот на изборите.
Како што јави дописникот на МИА од Белград, Обрадовиќ во писмена изјава истакна дека е неопходно одложување на изборите со оглед на тоа што се истечени сите рокови и дека апсолутно нема услови за слободни и фер избори во март следната година, како и дека дел од опозицијата веќе неколку месеци е во кампања за бојкот на овие лажни избори.
-Сега се е во рацете на делегацијата на ЕП која доаѓа во Србија следната недела. Ако тие кажат дека нема услови за демократски избори – дури тогаш ќе следуваат вистински преговори меѓу власта и опозицијата, а оваа фарса од преговори во Собранието, со посредство на Маја Гојковиќ, ќе биде прекината, кажа Обрадовиќ.
Според лидерот на Двери која е член на Сојузот за Србија (СзС), ако претставниците на ЕП кажат дека се е во ред и дека властите ги подобриле изборните услови – тоа значи дека тие помеѓу Александар Вучиќ и демократијата го избрале Вучиќ.
– Се плашам дека дури и тогаш, најголемите фанови на ЕУ во Србија ќе бидат разочарани, бидејќи српската демократија ќе биде жртвувана заради интересната соработка меѓу Брисел и Вучиќ. Ова нема да донесе ништо ново и добро, но само дополнителна компликација во политичката криза, оцени Обрадовиќ, кој на политичката сцена во Србија важи за проруски политичар.
Паралелно со оваа вест, белградскиот весник Блиц, повикувајќи се на „неименувани дипломатски кругови во Москва“, пишува дека „Русите го наговарале Вучиќ да направи Влада со Бошко Обрадовиќ и Драган Ѓилас“.
-Евгениј Примаков, пратеник во руската Дума, му понудил на српскиот претседател Александар Вучиќ да создаде техничка влада со лидерите на Сојузот за Србија Драган Ѓилас и Бошко Обрадовиќ, пишува „Блиц“.
Примаков пристигна во Србија на 26 март за да направи интервју за државната телевизија Русија 24 со Вучиќ.Меѓутоа, откако го завршија интевјуто, Примаков му понуди на Вучиќ да направи техничка влада со Ѓилас и Обрадовиќ-изјави извор на „Блиц“ од дипломатски кругови во Москва.
Бидејќи неговиот предлог претседателот на Србија го одбил, Примаков сега непосредно пред доаѓањето на Вучиќ во Сочи на разговори со рускиот претседател Владимир Путин, на својата телевизија го засили притисокот и кампањата против Србија.
Во емисијата што ја води, Примаков вчера се занимавашае со шпионските афери во Србија, поврзувајќи го ова со аферата за извоз на оружје во Украина од Крушик и влијанието што Русија го има кога станува збор за Косово.