Тренерот на Партизан, Жељко Обрадовиќ, за кого претпладнево беше кажано дека потпишал нов двегодишен договор со црно-белите, попладнево на прес-конференција ги кажа причините за останува, а говореше и за емоциите што ги има кон клубот и кон градот Белград.
Тој потврди дека негововото останување никогаш не било доведен во прашање и истакна дека ќе направи се црно-белите да бидат уште подобри.
„Ви благодарам на сите за довербата дека ќе го водам Партизан во следните две години. Сите знаат дека ова е мојот клуб во кој уживам да работам. Им благодарам на сите мои соработници, играчи, на сите од работната заедница на Партизан, но посебна благодарност до луѓето од управата кои вложуваат максимални напори да функционираме на најдобар можен начин. Невозможно е да се изостават оние за кои се прави сето ова, а тоа е армијата навивачи. Тие се движечката сила“, изјави Обрадовиќ.
Легендарниот стратег потврди дека денеска го продолжил договорот со црно-белите на уште две сезони.
„Откако се вратив, целта ми беше Партизан да биде редовен член на Евролигата. Ова што се случува на нашите натпревари ги надмина границите на спортот. Добивме голем број млади навивачи, мислам на децата и мислам дека сите ние мораме на тие деца да им ги дадеме најдобрите можни пораки, да сведеме се на фер и спортска борба. Мораме да покажеме колку ги цениме сите што доаѓаат во нашата сала “, дополни Обрадовиќ и ги повика навивачите да го пречекаат тимот на Будуќности како спортски пријател на средбите од полуфиналето од АБА.
Тренерот продолжи во ист стил.
„Ова е клуб што го чувствувам, ова е клуб што го сакам и можам да повторам дека сум навистина среќен што ќе продолжам да работам во наредниот период во Партизан. Не можев ниту да сонувам дека ќе има толку многу гледачи и дека на нашите натпреварите на Партизан ќе доаѓаат луѓе од целиот свет. Тоа отиде подалеку од кошарката. Имаше одлични моменти, имаше и помалку добри. Оваа година нашата амбиција беше да бидеме меѓу осумте најдобри во Евролигата, но не успеавме. Кога ќе го погледнеме настапот и лани и годинава и кој е зад нас годинава, можеме да бидеме задоволни. Но, немаме причина да бидеме задоволни со тоа. Ќе направиме се Партизан да биде уште подобар“, додаде тој.
Обрадовиќ рече дека е привилегија да се работи со луѓе кои имаат иста цел и кои ги врзува љубовта кон Партизан.
„Во Партизан играв во 1984 година, сега е 2024 година. Ме почитуваа секаде каде што работев, но ова е мојот клуб, мојот град, мојот народ“, заврши Жељко.
Обрадовиќ тренерска кариера ја почна во Партизан во сезоната 1991/92, кога со црно-белите во дебито на клупата ја освои титулата европски првак, под менторство на професорот Александар Николиќ. Потоа беше тренер на Хувентуд, Реал Мадрид, Бенетон, Панатинаикос и Фенербахче, освојувајќи вкупно девет титули во Евролигата со пет различни екипи.